Раскопани улици и небезбедни тротоари во Волково – жителите бараат одговорност од Градот Скопје

Раскопани улици, оштетени тротоари и асфалт кој не одговара на стандардите на модерното време – ова е состојбата во приградската населба Волково веќе неколку месеци. Жителите вината ја посочуваат кон Градот Скопје и градската администрација.

Според нивните коментари, улиците се целосно раскопани уште од моментот кога градоначалничката Данела Арсовска започнала со реконструкција. Наместо завршени градежни работи, улиците останале во нефункционална состојба, принудувајќи ги жителите секојдневно да се движат низ дупки и кал, додека нивните возила претрпуваат значителна штета.

„Движењето по тротоарите е речиси невозможно, а возењето со автомобил стана ризично. Освен што се движиме низ кал, нашите возила постојано се оштетуваат од дупките“, велат жителите. Тие прашуваат уште колку време ќе трае ваквата состојба и апелираат за итна реакција од надлежните.

Скопје Инфо се обрати до градската администрација за одговори на оваа тема.