Рашковски тврди дека неговата иновација ќе можеше да ги спречи тешките сообраќајки

Драги Рашковски во допис до медиумите, по тешката сообраќајка кај Скопје Сити Мол во која животот го загуби 24-годишната Викторија Николова, тврди дека неговата иновација која ја купи преку владиниот генерален секретаријат за 70.000 евра требало превентивно да ги намали ваквите трагедии.

Поранешниот генерален секретар тврди дека со системот за сообраќајни прекршоци што го набави, би се намалил бројот на жртвите за една половина, бројот на повредените за две третини и материјалната штета за повеќе од половина.  Вели дека систем со таква комплексност нема во повеќе од 5 земји во светот, а кои од друга страна, вели тој, имаат потрошено неколку десетици милиони евра.

„Системот е целосно функционален, имплементиран, тестиран, спремен за употреба, спремен да превенира губење на човечки животи, намалување на бројот на повредени учесници во сообраќајот и намалување на материјална штета“, пишува Рашковски 

Системот на Рашковски преку камерите, вели тој, би вршел контрола на просечната брзина на движење на возилата, детектира непрописно престројување и престигнување, поминување на црвено светло, неносење на сигурносен појас, можно зборување на мобилен телефон додека се управува со возило, нерегистрирани возила, лажни таблички.

Како што вели Рашковски, неговиот систем автоматски издава комплетен извештај со слика од местото на сторениот прекршок и автоматски генерира казни.

Рашковски е обвинет за Злоупотреба на службената положба и овластување во врска со набавката на системот, а судењето почнува утре.