Расчистени две големи диви депонии во Ѓорче и Бутел

Eкипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија две обемни диви депонии лоцирани во скопските општини Ѓорче Петров и Бутел.

Како што соопштија, во општината Ѓорче Петров, активностите се одвивале во населбата Дексион, на последната постројка на автобусот број 5, каде што се подигнати приближно 60 кубни метри непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад.

Во општината Бутел е интервенирано на улицата Боца Иванова, на влезот во градските гробишта, каде што се отстранети 90 кубни метри отпад одложени на сообраќајна површина.

„Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје апелираат да престане непрописното одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини, коешто директно резултира со создавање диви депонии, загадување на животната околина и загрозување на јавното здравје, апелираат од претпријатието.

Во првата половина од 2025 година, од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје беа отстранети приближно 10.000 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје, додаваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.