Расадник добива модерна и современо опремена градинка - градежните работи на доградбата на објектот во финална фаза

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска информираше дека денеска заедно со заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, извршиле увид во завршните градежни работи на доградбата на објектот при градинката „8 Март“.

„Она што го ветивме, веќе станува реалност. Новиот простор од 800 квадратни метри е изграден по највисоки стандарди и опфаќа шест нови и пространи занимални, во кои се вклучени и две јаслени групи, со што се обезбедува капацитет за нови 120 дечиња од нашата општина“, истакна градоначалничката.

Таа посочи дека инвестицијата од 60.000.000 денари, обезбедена во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со поддршка од Владата, ја придвижувале со засилено темпо, каде во моментов се уредува фасадата, по што ќе следи поставување на подните подлоги.

„Посветени сме на секое маало и на секое дете. Создаваме услови Кисела Вода да биде пример за модерна општина која инвестира во својата иднина“, порача Стаменкоска Трајкоска.