„Работи за кои не зборуваме“ вечерва во МНТ

Вечерва со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар, ќе се изведе претставата „Работи за кои не зборуваме“, авторски проект на екипата базиран на лични монолози, анонимни сведоштва и документарен материјал.

Режијата е на Нела Витошевиќ, а играат: Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски, Исмет Шабановиќ.

-„Работи за кои не зборуваме“ е театарска претстава која преку интимни и емотивни приказни, сака да им даде глас на општествените проблемите за кои не се зборува. Преку низата вистинити приказни, во кои секој може лесно да се пронајде, претставата отвара прашања за патријахалното уредување во регионот но и пошироко. Низ повеќе сцени инспирирани од лични монолози на актерите, анонимни искуства на лица добиени преку распишан повик, како и документарен медиумски материјал, претстава ги подвлекува/става акцент на проблемите поврзани со депресијата, траумите од детство, дискриминацијата, злоставувањето и насилството, религијата, агресијата и нетолеранцијата како и разни психолошки проблеми и однесувања со кои поединецот секојдневно се соочува. На траги-комичен начин претставата прави критика на балканското патријахално миље, но истовремено провоцира и разговор за промена во општеството. Публиката ќе биде вовлечена во свет на лични сеќавања кои се испреплетуваат со човечки болки, трауми, стравови и среќни моменти од животите на разни луѓе. Интимноста, искреноста и и вистинистоста на сведоштвата, се главно ткиво на оваа документарна претстава - се вели во описот на претставата. 

Претставата е во продукција на WONDERLAND THEATER, и во ко-продукција со МНТ. Проектот е финансиран од Швајцарска амбасада на Република Северна Македонија, а поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија.