Првонаградениот расказ на конкурсот на Антолог со моќна порака: Колку ни недостасува човечкиот допир?

Во рамките на проектот „United we read! / Читаме заедно!“, на 15 октомври издавачката куќа Антолог ја отвори Кутијата на приказни, со покана да се споделат сите  КОВИД-19 искуства, но и пораки до светот.

Првонаградениот  расказ носи наслов „Неподносливата леснотија на недостижноста на допирот..."  кој ја пренесува приказната за неподносливата леснотија на недостижноста на обичниот, секојдневен допир, додека се лажеме дека е доволно што меѓусебно се следиме и си ги гледаме сликите и објавите на друштвените мрежи, на младиот автор Марија Андрева.

Овие осум месеци постојано читав предлози за пополнување на времето за време на пандемијата и уште почесто гледав како овие предлози се споделуваат на друштвените мрежи.

А јас што да кажам?

Не научив нов јазик.

Не испеков леб. Ни обичен, ни со банана.

Не се пронајдов себеси. Не се просветлив. Не ослабев (напротив!).

Не станав најдобра верзија на себеси.

А не купив ни десет пакети тоалетна хартија наеднаш.

Само една работа открив.

Открив колку ми недостига допирот. Оној обичен, човечки допир.

Кога шетам низ град, замислена, пребројувајќи ги сите обврски и работи што треба да ги направам и одеднаш ќе видам познат лик, некој кого го немам видено со месеци. И онаа широка насмевка што се појавува и онаа силна прегратка, која покажува почит, среќа, недостигање, поздрав, сè во едно. Тоа ми недостига.

Кога некој ќе каже нешто, па онака спонтано ќе го потчукнам по рамо. Или обратно. И тоа ми недостига. Ми недостига дури и она „да пукне“ што го правиме со познајниците на минување.

Кога ќе се израдувам за нешто, па во момент на среќа ќе го прегрнам првиот човек што ми е во близина. Без калкулации и размислувања. Прегратка како потврда на чиста и бескрајна радост.

Кога сум тажна и кога сум на раб да се расплачам, а гордоста не ми дозволува да се расплачам, па некој нежно ќе ме прибере во прегратка, прегратка како засолниште, како прибежите, како сигурна лулка, место каде што не постои гордоста и каде што можеш да пуштиш солзите да течат и да ти падне товарот од рамената.

Осум месеци. Оваа пандемија ми украде осум месеци од животот и милион можности за допир. Обичен, човечки, секојдневен.

Кој би рекол дека од сите работи што ни се недостижни, најнедостижни ќе станат допирот и прегратката?

Кој би рекол дека ќе шетам низ град и ќе видам некој што ми значи, а единствен начин да ја изразам радоста дека сум го видела е млакото мавтање со рака (на растојание од десет метри)?

Кој би рекол дека неможноста за обичен допир ќе создаде толкав недостиг, празнина и немир во мојата душа?

Душата е неоткриениот дел од битието на човекот, сепак има потреба од допир.

И навистина, технологијата ни овозможи лесно да продолжиме во време на пандемија: состаноци на Zoom, онлајн-пазарење, онлајн-достава на храна, онлајн-претстави, концерти и сервиси за гледање филмови и серии. Технологијата ни овозможи еден куп работи за време на пандемијата.

Но работата е многу едноставна:

Можеш да се сретнеш, но не можеш да допреш некого преку Zoom. Можеш да честиташ роденден, но не можеш да прегрнеш некого преку Zoom. Можеш да направиш речиси сè, но не и да ја допреш и прегрнеш душата. Има работи што никогаш нема да можат да се направат преку Zoom.

И така, нечујно, се навикнавме на многу работи во текот на овие осум месеци. Се навикнавме на гелови за дезинфекција, се навикнавме на маски, се навикнавме на лоши бројки и статистики, се навикнавме луѓето да ги гледаме како проценти и бројки, а не нечии сакани луѓе, се навикнавме на работа и настани од дома.

Но и натаму тлее неподносливата леснотија на недостижноста на обичниот, секојдневен допир, додека се лажеме дека е доволно што меѓусебно се следиме и си ги гледаме сликите и објавите на друштвените мрежи.

Луѓе како луѓе, осаменоста и тагата виреат од сите страни. Бевме осамени и тажни и претходно. И претходно наоѓавме начини како да се залажуваме дека не сме. Но имаше кој да нè прегрне и да ни даде утеха. Сега го немаме ни тоа, само некоја бледа надеж дека следната година ќе се разбудиме од овој лош сон и дека конечно без страв и без потреба од негативен тест ќе можеме да ги допреме оние што ги сакаме. Но, еј, и тоа е нешто, зарем не?