„Прв детски клик“ и „Детски клик“ – нови списанија за основците

„Прв детски клик“ и „Детски клик“ се новите едукативни и литературни списанија, кои од оваа учебна година ќе почнат да излегуваат од печат. Се работи за списанија наменети за учениците од основните училишта. 

Списанијата се во издание на „Арс Ламина“ и одобрени за употреба од Министерството за образование и наука. Издавачката куќа информира дека списанијата се интерактивни и модерно дизајнирани  и ќе излегуваат двапати месечно во текот на училишната година (септември-јуни). „Прв детски клик“ е наменет за прво и второ одделение, а „Детски клик“ за трето и четврто одделение. Изданијата се усогласени со наставните цели и содржини предвидени со програмата за основното образование.

-Идејата е тие да бидат извор на знаења за учениците и корисен дополнителен ресурс за наставниците по сите предмети што се изучуваат во овие одделенија. На страниците на списанијата застапени се содржини од повеќе области: литература, македонски јазик, математика, општествени и природни науки, англиски јазик, уметност, физичко и здравствено образование и друго. Тие се во корелација со предвидените наставни теми и во чекор со современите општествени текови и најновите научни сознанија. Сите содржини ги подготвува високоспецијализиран и искусен кадар на „Арс Ламина – публикации“ со помош на широк стручен консултантски тим од наставниот процес - информира „Арс Ламина“.

Фокус во „Прв детски клик“ е описменувањето на учениците преку соодветни вежби и активности за почетно пишување. Секој број има насловна тема, во која се опфаќаат актуелни прашања/содржини за кои се даваат стручни толкувања, раскажано на разбирлив начин. Тие поттикнуваат размислување и продлабочено, научно гледање на забавните теми што се атрактивни за децата.

Рубриките се збогатени со интерактивни содржини сѐ со цел активно учество на учениците во совладување на содржините. Во списанието има можност за претставување на успесите на учениците и училиштата, а има простор и за литературните и ликовните творби на младите креативци.

– „Прв детски клик“ и „Детски клик“ имаат модерен дизајн и графичка подготовка. Колоритните страници изобилуваат со илустрации и слики соодветни за возраста на децата и се во чекор со светските трендови за подготовка на едукативни списанија за ученици. На повеќе страници во списанието се наведени врски до дополнителни интерактивни содржини, достапни на специјално конципираната интернет-страница Dklik.mk - се наведува во соопштението.

Покрај ова, издавачката куќа „Арс Ламина“ од оваа воспитно-образовна година почнува и со издавање на друго ново списание наменето за предучилишна возраст: „Ѕвезди“, со подлистокот „Ѕвездички“. Списанието е со одобрение за употреба од Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Предвидено е да излегува еднаш месечно за времетраење на воспитно-образовната година (септември-јуни). Наменето е за деца од четири до шест години. Содржините концепциски се усогласени со воспитните цели и содржини предвидени според програмата за ран детски развој.