
Целосна дигитализација на системот на издавање и контрола на лиценци што ги издава државата преку систем на „СМАРТ лиценци“ претстави вчера Министерството за дигитална трансформација.
Министерот Стефан Андоновски рече дека моделот овозможува лесна и брз проверка на валидноста на издадените лиценци преку систем што содржи електронско барање, електронски регистар, QR проверка, транспарентност и проверлива трага.
-Тоа значи дека граѓанин, инспектор или друг субјект проверува јасно и брзо дали некоја лиценца е валидна или истечена. Со СМАРТ лиценците граѓаните добиваат можност за брза проверка на валидноста некоја лиценца, компаниите добиваат помалку административни проверки и барања за потврди, а институциите добиваат јасна врска до единствен регистар - изјави Андоновски.
Тој посочи дека досега немало начин да се провери валидноста, што сега ќе биде овозможено преку жив регистар до кој се пристапува со скенирање на код од лиценцата.
-Креиравме Асистент кој е целосно дигитален и со скенирање на код ве носи до жив систем каде се наоѓа валиден електронски документ. Моментално е само во Министерството за дигитална трансформација, но интенцијата е тоа да се прошири. Во фаза на тестирање сме во Министерство за економија за издавање лиценци за дискотеки, кабаре и кафе бар. Но, не смее да остане само на ова и интенцијата е да се прошири на повеќе, изјави Андоновски.
Системот, како што посочи Андоновски, дел од документите ги влече по автоматизам, а дел се уште се закачуваат како електронски документи.
-Имаме база од 340 илјади корисници и целта е таа да се искористи и врзе со другите институции - додаде министерот.