Просечната плата во февруари изнесувала ситно над 46.000 денари - повисока е за 7.2% во однос на лани

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во февруари годинава изнесувала 46.159 денари и во однос на февруари минатата година е повисока за 7,2 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: aдминистративни и помошни услужни дејности за 12,3  проценти; рударство и вадење камен за 10,6 проценти и снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 9,4  проценти.

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: земјоделство, шумарство и рибарство за  5,7 проценти; други услужни дејности за 5 проценти и уметност, забава и рекреација за 4,6 проценти.