Просечната нето плата речиси 30.000 денари, годинава надеж за раст на минималната на 18.000 денари

Премиерот Димитар Ковачевски на својот официјален фејсбук профил објави дека растот на просечната плата продолжува.

-Во ноември 2021 година просечната исплатена нето - плата изнесувала 29.130 денари. Имаме зголемување за 5,6% во однос на истиот месец 2020 година. Тоа се 1.542 денари повеќе споредбено со лани. Како што најавив, следната недела започнува социјалниот дијалог за зголемување и на минималната плата во државата, заедно со синдикатите и компаниите. Дополнително, следува зголемување и на пензиите, напиша тој и додаде дека како Влада се посветени на покачување на платите, што директно ќе влијае на подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата. 

Инаку вчера министерот за економија Крешник Бектеши најави зголемување на минималната плата годинава. 

Согласно проекциите и анализите кои се направени тоа ќе се случи најверојатно во вториот квартал од годинава, рече Бектеши.