Промовираат „пола цена“, а попустот едвај 10% - Реални ли се попустите за „Black Friday“?

Интернет продавниците и платформите за Интернет продажба, преплавени со понуди за попусти и акции, но традиционалните „Black Friday“ попусти и овој пат се нереални. Барем така велат потрошувачите.

Додека излозите на бутиците и продавниците се преплавени со реклами за попусти, а истовремено намалување на цените промовираат и голем број он-лајн трговски ланци, граѓаните негодуваат дека во земјава попустите ни приближно не се тоа како во светот.

Потрошувачите се жалат дека од сите страни се „бомбандирани“ со реклами за попусти и акции, а всушност, како што велат се „намамени“ да губат време, за да на крајот заклучат дека она што е на попуст е потрошено или претходно цените биле екстремно покачени, па на попуст има намалување кое сепак не е толку колку што се промовира. 

- Се знае, доколку сакаш реален попуст од познатите брендови, патуваш во Солун каде навистина може да се најдат евтини производи, без оглед дали станува збор за облека за возрасни, деца и/или работи за домаќинство, вели една скопјанка.

Додава дека за време во Солун наоѓала фармерки и за 10 евра, блузи, фустани за 5 евра. Во трговските центри, како Космос на пример можат да се најдат најпознатите брендови за средна класа, од Зара до Манго, со видливо поевтини цени, отколку кај нас.

Иако се рекламираат големи попусти, на пример од 50%, кога ќе влезете да го побарате производот на попуст ќе сфатите дека попустот е 10 или 15%, споделува еден потрошувач. 

- За фен на рекламниот леток пишува дека има попуст од 50%, а всушност фенот од 2400 денари го нудат со нова цена од 1850 денари, што значи дека нема попуст на 50%, туку е трик потрошувачот да потроши пари и да се радува дека пазарил на пола цена, појаснува тој. 

Сепак, секогаш имате можност доколку се соочите со лажни попусти или други неправилности поврзани со „Black Friday“ да пријавите кај Државниот Пазарен Инспекторат и/или Организацијата на потрошувачите на Македонија.