Промоција на збирката раскази „Интимно со пандемијата“ од група автори

Во КИЦ „Култура 365“ во Охрид денеска ќе биде промовирана збирката раскази „Интимно со пандемијата“, од група автори, во издание на ЗПРКДУ „Креативна верига“.

„Интимно со пандемијата“ е збирка од 26 раскази од 17 автори, кои ја споделуваат со читателот интимата на главните ликови во време на пандемијата од Ковид-19. Се работи за шаренило на нарации и главни ликови кои заедно сочинуваат еден мозаик, едно дело кое по години би се читало како сведоштво на ова тешко време на пандемија.

Книгата беше издадена 2021 година, но поради протоколите беше промовирана онлајн. Промотори на делото ќе бидат Лилјана Пандева и Мерсиха Исмајлоска.