Промоција на стрип албумот „Ægri Somnia“ на Дарко Богданов и Александар Стеванов

Стрип албумот „Ægri Somnia“ на стрип авторите Дарко Богданов (цртеж) и Александар Стеванов (сценарио) ќе биде промовиран вечер во кафе книжарницата Буква во Скопје.

Станува збор за антологиско збирно издание составено од кратки стрипови со кое се заокружува досегашната соработка на авторите започната во 2012 година и претставува нивни прв заеднички стрип албум, иако и двајцата автори досега веќе имаат реализирано поголем број стрип публикации.

„Како што кажува и самиот наслов на изданието кое во превод значи „сон на болниот човек“ алката која ги поврзува стриповите во албумот е преклопувањето на две димензии. Во овие седум кратки приказни се поместуваат границите помеѓу реалноста и сонот, свесното и несвесното, сето тоа претставено на еден по малку надреалистички и симболичен начин, создавајќи една целина“, изјави Богданов.

Стрип албумот е самостојно издание на авторите и е финансиски поддржан од Министерството за култура како дел од годишната програма од национален интерес за 2020 година.