Проф.Трајковски: Да биде неволјата поголема, слушаме дека не се испраќаат во изолација цели класови

Професорот Дејан Трајковски,во својата најнова анализа на состојбата со корона бројките, вели дека уште пред 2-3 дена првите абери за забавување на намалувањето на дневните броеви започна да ни ги упатува репродукцискиот број Rt.

-Последниве три дена имаме надединечни дневни вредности за Rt, но можно е тоа да е резултат на аномалијата со намалениот број на тестирања за празникот 8. Септември. Поради инерцијата броевите не можат веднаш да започнат да растат, за тоа би им требало барем десетина дена, но минатата година во приближно истиот период имавме речиси идентична слика, пишува тој. 

-Како ништо да не се променило, односно ефектот на прележаноста и вакцинираноста како да е целосно анулиран од високата преносливост на Делта сојот и отворањето на училиштата за настава со физичко присуство. Да биде неволјата поголема, слушаме дека во сите градови не се испраќаат во изолација цели класови, туку се тактизира со некакви парцијални изолации, како компромисни решенија. Ќе видиме до кога тоа ќе дава резултати и дали воопшто дава. Како што се приближува есента така и ризиците ќе се зголемуваат, а дневните броеви тоа непогрешливо ќе го покажуваат, предупредува проф.Трајковски. 

Тој смета дека ако денешната понеделничка бројка биде над 250 новодијагностицирани, тоа би бил лош знак. Дури и вчерашните 464 нови случаи се многу како за недела, вели тој.