Професорката Алексиќ со моќна објава по повод Илинден: Во поновата хронологија, среќните робови се викаат полтрони

Татјана Алексиќ, професорката по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, со суштинска пораќа по повод денешниот празник. Македонците ги слават двата линдена, а професорката, како и секогаш, со моќна поента! 

Нејзината објава ви ја пренесуваме во целост: 

- Најголемите непријатели на слободата се среќните робови (Marie von Ebner Eschenbach), оние кои се задоволуваат со малку, трпат многу и молчат, но повремено и кодошат, за да го преживеат среќното ропство.

Во поновата хронологија, среќните робови се викаат полтрони, чеховски прецизно прикажани ликови од рускиот реализам, способни да си ја кријат неспособноста преку гребаторски манири, ласцивност и предаторства. Ги имало низ сите истории, ги има и во сегашноста.

Како контра рамнотежа, верувам во хармонијата на светот, постојат и големци, луѓе колоси во умот и душата, борци за колективна благосостојба, можна само кога сите луѓе живеат слободно. Историски, политички, верски и етички, 2 Август (покрај тоа што е и верски празник Св.Илија), е голем датум за Македонија и Македонците! Празникот е арте факт за неприкосновената вистина за исконската борба и желба на македонскиот народ за своја слободна република, за возвишени идеали посилни од нагонот за живот. Последиците на предвремено кренатото Илинденско востание биле траорни, убиени преку 8000 луѓе, спалени преку 12000 куќи, обездомени над 70000 луѓе, иселени преку 30000... Тоа не се само фактографски податоци или статистички нумерации кои се учат од учебници за оценка и општа култура. Тоа е Илинден, наша света историја, крвава библија од каде треба да се учи што е вистина, а што лага; што е патриот, а што полтрон и предавник; како се брани и чува територија, а како се продава и разнебитува; што е храброст, а што кукавичлук; што е родољубие, а што богатствољубие; што е национализам, а што шовинизам и како треба да изгледа, размислува и реагира вистински маж илинденец.

Илинден нѐ учи да знаеме кој сме, да го чувствуваме духот на претците и почитуваме нивниот аманет, покрај тоа што светот е поле за културен натпревар меѓу народите, светот го водат, со директно вмешување, големите сили за решавање на македонското прашање. Затоа внимателно!

Единствено, Ѓорче Петров и Гоце Делчев се спротивставиле за кревање на Илинденското востание поради неговата неподготвеност и избрзаност. Единствениот наш автор кој ќе собере и храброст и доблест да ја преточи македонската предавничка кауза во драма, во книжевно чедо полно црнила, е Коле Чашуле со култнат драма ,,Црнила".

Нека ни се вечни Илинденците, нека ни е честит светиот празник со стиховите на големиот Анте Поповски, коишто се мото на драмата на идеја, драма со теза остварена преку црниот апсурд на најпозитивниот лик во драмата кој станува жртва на политичките црнила: Долу по полено, по врбацине, до срцево Сè е така и ноќ и нож в плеќи забиен Не ме уплашија векови со нож од туѓа рака Ме плаши час од рака своја в плеќи.