Професори од Филозофски реагираа: Студентите имале комплетирано образование кое се барало, факултетот постапил согласно постоечките правилници

Утринава порталот МКД.мк објави дека студенти без додипломски студии на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје биле запишувани на магистерски, а потоа и на докторски студии. Откако ова било откриено од Државниот просветен инпекторат и студиите им биле прекинати на запишаните студенти.

Според сознанијата на порталот, се работело за десетина запишани студенти на магистерски и докторски студии, на кои по интервенција на инспекторите им биле прекинати студиите.

Веста на МКД.мк ја пренесе и Скопје Инфо, а во коментарите под објавата на нашата Фејсбук страница, со коментари се огласија двајца професори, токму од Филозофскиот факултет. Станува збор за професорите Маја Геровска Митев и Горан Ајдински.

„Би било коректно кога информирате да ги дадете сите информации. Настанатата ситуација е резултат на период во кој важеле правни акти/правилници, согласно кои студенти со завршени стручни студии на прв циклус (180 кредити) и завршени втор циклус студии (60 кредити) можеле да се запишат на академски студии на втор и трет циклус. Студентите имале комплетирано образование кое се барало, факултетот постапил согласно постоечките правилници. Потребно е време да се разреши ситуацијата во најдобар интерес на студентите. Вашите некомплетни информации највеќе им штетат на студентите“, гласи коментарот на професорката Геровска Митев.

Професорот Горан Ајдински, пак, напиша: „Запишаните студенти се со дипломи. Имаат завршени стручни студии, не академски. Има спорни одредби во нормативните акти каде јасно се пропишува дека не може да бидат запишани, но има и одредби каде може и под посебни услови. Инспекторатот постапи, но постапката не е завршена. ЗНАЧИ, проверете ги убаво информациите без сензационални наслови "без дипломи"...!? И не е само на Филозофски факултет“.

Од друга страна пак, претходно денеска министерката за образование, Весна Јаневска потврди дека на Филозофскиот факултет имало нерегуларности при упис на магистерски и докторски студии.

„Констатирани се нерегуларности на Филозофскиот факултет, но не при упис на додипломски, туку при упис на постдипломски, втор и трет циклус студии. Државниот просветен инспекторат постапуваше, донесе заклучоци, го информираше факултетот. Факултетот треба да постапи и, колку што мене ми е познато, постапува. Јас го чекам конечниот извештај, откога ќе помине рокот за постапување за да, како овластен министер во таа област, го донесам и конченото решение“, рече министерката денес одговарајќи на новинарски прашања по едукативниот настан за основци во Скопје „Зеленикс – од предизвик до иновација“.