Професор Трајковски за вакцинацијата: 40-процентниот опфат изгледа дека е максимумот за Македонија

Професор Дејан Трајковски во својата најнова ковид-анализа се осврнува на процесот на вакцинација во земјава. 

-Кривата на вакцинираноста веќе започнува да се израмнува, што значи дека толку бил интересот за вакцинација. Вистинска штета, затоа што вакцинираните во септември би биле најдобро подготвени за есенскиот бран, констатира тој. 

Трајковски препоставува дека охрабрени од намалувањето на дневните броеви на новодијагностицирани, населението престанало да се вакцинира, а не знае дека летниот мини бран на северозападот беше само најава за тоа што следува есенва во остатокот од државата.

- Впрочем, веќе се забележува достигнувањето на минимумот, после што ќе започне постепениот раст, загревање за есента. 40-процентниот опфат изгледа дека е максимумот за Македонија. Тоа што властите изнесуваат некакви проценти на вакцинирани во однос на возрасното население повеќе претставува залажување на самите себе, отколку што одразува некаков задоволителен степен на заштита, пишува проф. Трајковски. 

-Да не се чудиме потоа зошто сме на светската топ-3 листа според одвишна смртност, а наскоро ќе бидеме и први. Тоа е најлогично за население коешто не сака да се вакцинира, не сака да одржува растојание, не сака да се тестира, а многу сака гужви на свадби и во затворени кафеани, заклучува професорот.