Проф. Трајковски: Ковид-19 ќе стане ендемија, којашто еднаш или два пати годишно би се засилувала

Професорот Дејан Трајковски во својата најнова ковид-анализа вели дека ковид 19 се уште останува подмолна болест што заслужува внимание.  

-Да не испадне дека кобам, ама дневните броеви на нови случаи започнаа одново да растат во Франција, Германија, Австрија, Словенија и во некои хрватски жупании (окрузи, околии, по македонски), коишто се граничат со Словенија. Секоја година во овие земји порано започнуваат брановите поради постудената клима. Во Македонија релативно скоро беше постигнат врвот на летниот бран и населението во просек се уште поседува солиден колективен имунитет. Освен тоа, кај нас се уште е релативно силен надолниот тренд на дневните броеви, така што насоката не може веднаш да се реверзира нагоре, барем не во следните неколку недели, анализира тој. 

-Застојот е најзабележлив кај активните случаи, чиј број не сака да оди надолу во последниве десетина дена. Исто така, се забележува извесно забавување и во намалувањето на дневните броеви на нови случаи, појаснува професорот. 

Тој нагласува дека во некои земји веќе започнува да се шири новиот подсој BA2.75 на омикрон сојот, но тоа не мора да биде пресудно, смета Трајковски. 

- Доколку тој има поголема преносливост, тогаш би го истиснал сегашниот доминантен подсој BA5, па тој би „изумрел“ како и неговите претходници. Сепак, дури сегашнот сој и да не биде заменет со друг, тој би продолжил да „вирее“ меѓу населението преку целата година, а болеста би постоела како ендемија, којашто повремено (еднаш или два пати годишно) би се засилувала до помали или поголеми епидемиски бранови, нешто слично како грипот, предвидува Трајковски.