Продолжен рокот за обновување на студентските билети на ЈСП

Студентите кои ги користат услугите на ЈСП Скопје добија уште едно продолжување на рокот за обнова на нивните билети, со кои тие бесплатно се превезуваат низ градот. Овојпат, рокот трае до 31 март 2021 година. 

„–До тој термин, сите студенти кои ги исполнуваат условите за стекнување на право на годишен студентски билет за бесплатно користење на јавен превоз, а не го продолжиле од било која причина, можат бесплатно да го користат превозот, притоа да поседуваат ‘Скопска‘ која имаат обврска да ја приложат при евентуална контрола на билети“, се вели во соопштението на ЈСП.

Тоа значи дека од 1 април доколку студентите бидат затекнати со неважечки билет, контролорите на ЈСП можат да ги казнат соодветно правилникот на претпријатието. 

Претходно, поради КОВИД-19 состојбата, студентите немаше потреба да ги валидираат билетите при влез во возилото, туку само да ги приложат при контрола. На барање на Универзитетското студентско собрание, рокот за продолжување на важноста на билетите беше двапати пролонгиран, со цел да се излезе во пресрет и да се разбере ситуацијата во која сите се наоѓаме. 

Билетите се продолжуваат во билетарниците за персонализација. Секој студент кој запишал семестар во новата учебна година има право на ваков билет, кој се продолжува со потврда за редовно студирање.