Пробивањето на „Илинденска“ до Ѓорче Петров останува нереализиран проект на хартија

Иако беше дел од изборната програма на скопскиот градоначалник, проектот за продолжување на булеварот „Илинден“ кон Ѓорче Петров засега останува само на хартија. Изговори има, но и реакции од опозициската ВМРО ДПМНЕ и независните сервиси кои ги реализацијата на проектите. 

Што вели изборната програма на градоначалникот Шилегов?

„Обиколницата на градот Скопје е изградена за да го релаксира сообраќајот во градот, но до ден денес не се постигнати очекуваните резултати. Една од основните причини е нејзината оддалеченост и нејзината непристапност од повеќе локации на градот. Пробивањето на булеварот „Илинденска“, со мост над реката Вардар, кон „Ѓорче Петров“, и поврзувањето со обиколницата, ќе обезбеди нејзина поголема искористеност. Жителите на населбите „Даме Груев“, „Ново село“, „Кисела Јабука“ и Волково, во рамките на општината „Ѓорче Петров“, ќе се поврзат со општината Карпош и полесно сообраќајно ќе комуницираат со центарот на градот и со неговите содржини. Сите граѓани имаат право да бидат поврзани„, стои во програмата на градоначалникот.

На оваа тема деновиве анализираше и „Вистиномер“ кој е сервис за провери на факти. 

Две години по доаѓањето на градоначалничката функција Шилегов се откажа од пробивањето на „Илинденска“. Тој во декември 2019 година изјави дека „пробивањето на „Илинденска“ е возможно само ако Градот најде пари – што  е многу тешко, да се направи висечки мост долг 350 метри, а тоа пак, нема економска логика поради постоењето на бунарите на Лепенец, се вели во нивната анализа. 

Изминатите денови и опозициската ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше Шилегов дека не го исполнил ветувњето за пробивање на „Илинденска“ кон Ѓорче Петров.

„Овде требаше да поминува продолжувањето на булевар Илинден, и да завршува кај обиколница, тука нема ништо, реагираше Ирена Попова, советничка во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека Шилегов ветувал решавање на сообраќајниот метеж кој се создава на влезот во Скопје кај Сарај со изградба на нов кружен тек, изградба на голем железнички надвозник во населбата Даме Груев и поврзување на велосипедските патеки со Вардар и реката Лепенец со останатите во градот. Шилегов ветувал и нови велосипедски патеки на жителите на Ѓорче Петров, Даме Груев и Волково. 

Скопјани и ѓорчепетровци добија само ветувања од Шилегов и ова се сведе само на лаги, заклучи Попова.