Приватна пошта ја презема доставата на пратките од „Али Експрес“, корисниците реагираат на квалитетот на услугата

Приватната компанија за поштенски услуги „Еко Логистик“ ја презеде доставата на пратки од „Али Експрес“ за Македонија. Компанијата за оваа новина објави на својата фејсбук страна, истакнувајќи дека сега пратките пристигнуваат многу побрзо. „Сега купувајте без грижи од Али Експрес, пратките стигнуваат побрзо од кога било. Нема чекање со месеци како досега“, стои во објавата на „Еко Логистик“.

Меѓутоа, граѓаните на социјалните мрежи не се задоволни со квалитетот на услугата. Иако пратките стигнуваат побрзо, корисниците се жалат на проблемите при контакт со куририте. Некои од нив велат дека куририте не ја доставуваат пратката во договореното време, што предизвикува непријатности и забавување на процесот.

„Доставата на пратки од Али Експрес ја презела Еко Логистик. Па, бетер се од државната пошта и тоа за неколку нивоа. Ми се јавува нивни човек во 12 и ми вика тука сум. Па каде тука бе? Кретањата за време на работа се проблем. Работат со 16:00,“ напишал еден корисник на социјалната мрежа X.

Друг корисник споделил искуство, изјавувајќи: „Нивниот доставувач ме чекал на 2 километри од мојата адреса, кога му кажав да дојде, ми се изнавика по телефон. Потоа отидов до нивната канцеларија, но иако го чекав 2 саати, не дојде.“

И покрај жалбите, „Еко Логистик“ продолжува со својата работа, додека корисниците ги изразуваат своите забелешки за подобрување на услугата.