Природата е нејзината најголема инспирација, Марта Пејоска за приказните зад секое парче накит

Во срцето на Охрид, Марта Пејоска со години создава накит инспириран од природата, претворајќи ги формите, текстурите и движењата на дивиот свет во препознатлив уметнички израз. Нејзината последна изложба, посветена на дивиот свет, а поставена по повод 100 години од Природонаучниот музеј, беше повод да разговараме за природата како нејзин најголем учител, за приказните што ги носи секое парче накит, за изборот да остане и да твори во Охрид, но и за новото поглавје што наскоро ја очекува.

Вашата последна изложба беше поставена во Природонаучниот музеј и беше инспирирана од дивиот свет. Што ве научи природата како уметник додека го создававте овој накит?
Многу добро прашање (насмевка).  Научив т.е.открив многу. Не само додека го создавав накитот за оваа изложба, туку и сиот накит, на кој работам последниве скоро 15тина години, чија инспирација се природата и дивиот свет. Природата ме научи на складност, баланс во асиметријата, ме научи дека правилата и прописите (кои ги има и во природата) треба сите да ги почитуваме. Од друга страна се потсетив дека во природата има/е решение за сè. Сите предизвици и нејаснотии што како конкретни проблеми ги детектира човекот во секојдневниот живот - решението веќе го има во природата, само треба да се истражи и подобро погледне. Балансот кој постои помеѓу животните и природниот тек на нештата. Воодушевена сум од основниот принцип кој постои во природата - да се создава, наспроти оној кој постои кај човекот - да се уништува.

Животните немаат порив да покоруваат, секој си ги знае сопствените место и улога, дури и обичната црна бубачка има значење во природата и е битна за некој процес. Природата е совршен пример за систем кој функционира. Животните не напаѓаат, освен кога се наоѓаат загрозени од човекот или го штитат подмладокот. Змиите се едни од најелегантните суштества… Исто така природата ме потсети дека треба малку да подзапрам. Дека воопшто не треба и не можам да контролирам. Можам само да набљудувам и да оставам нештата да се одвиваат по природниот тек. Се си има своја насока, се си има свое зошто, кога и како. Само треба трпение и фокус на она што е твојот пат. Ме научи на скромност која доаѓа од внатрешната сила.

Откако едно парче накит ќе ја напушти вашата работилница и ќе стане дел од нечиј живот, дали некогаш се прашувате какви приказни ќе доживее? Колку за вас е важен животот на делото откако ќе биде создадено?
Најбитно од сé ми е кога парчето ќе оди кај неговиот носител, тоа да се носи, а не да остане затворено во кутијата. Затоа, често дел од парчињата кои се изложени во галеријата, не се на продажба. Не дека не сакам да ги продадам, туку, чекам парчето само да си го пронајде носителот и обратно. Скоро секое парче накит кое го создавам, си има своја приказна. Дали во себе носи некоја силна порака или дошло до него поради некоја интересен инспративен момент од моето секојдневие, скоро секогаш има нешто. Оттука, откако ќе излезе парчето од мојата работилница, повеќе размислувам на приказната што тоа парче ја носи со себе и благодарение на неговиот носител ја раскажува во светот.

Често велите дека Охрид е вграден во вашиот накит. Дали постои нешто во градот што сè уште не сте успеале да го претворите во форма, текстура или приказна, а чувствувате дека ве чека?
Да, има. Но, не е конкретно поврзано со момент од градот, туку со езерото. Пред повеќе години, изработив мала колекција на дијаграмски накит - 4 ѓердани, со кои ги претставив фазите на доаѓање на невреме на езеро и што се случува откако невремето ќе помине. Но, самото невреме го изоставив. Она што се уште не ми дава мир и што се уште не можам да го “фатам” како што треба, се патерните на брановите, односно обрасците кои ветрот ги создава и се отчитуваат на површината на водата. Преклопувањето на брановите, на почетокот, кога почнува да дува ветрот…. Во кратки црти, имам уште многу работа со езерово односно ветрот. За невремето да не почнувам да зборувам (се смее). 

Дали постои материјал, форма или тема што ве повикува со години, а сè уште не сте ја истражиле до крај?
Да, постои. Сакам да почнам да работам со злато, теоретски веќе знам сè :(се смее).  Повеќе од сè ме интересираат сите техники за обработка на метал. Од оваа денешна перспектива, после 20 години работа во полето на современиот дизајн на накит и филигранската техника, сè уште среброто ми е омилениот метал со кој сакам да работам. Не сакам многу да експериментирам со различни материјали, метали и сл. Сакам уште да истражувам со среброто и филигранот. Исто така, тоа што цело време се провлекува во мојот дизајн (дури и во проектите кога студирав архитектура), а гледам дека и во накитот тежнеам кон тоа - е монументалноста. Присутноста. Солидни, големи и просторни форми. Од тука, тоа што сè уште целосно не сум го истражила, а стои во мене и го чека својот момент да излезе на голема врата, се скулптурални парчиња накит и предмети од сребро. Последната изложба - дел од парчињата се зачетокот на тоа.

Кога би можеле да поставите изложба на кое било место во светот, без никакви ограничувања, каде би била таа и зошто токму таму?
Немам одговор на ова прашање. Никогаш не сум размислувала за тоа, можеби затоа што тоа и не ми е толку важно. Да не бидам погрешно сфатена, јас малку поинаку гледам на работите. Она што повеќе ме возбудува и би сакала да се случи е, да одам на некоја уметничка резиденција т.е. експедиција на Арктик или Антарктик или на крајот на светот - Ушуаја. Да видам како изгледаат ветрот и водата таму и да објаснам се преку мојот медиум низ кој се изразувам - среброто.  И од тука ми се чини дека изложбата во MOMA или MAD сама ќе си дојде (се смее). 

Освен дизајнот на накит, кои други интереси и страсти ја исполнуваат Марта креативно? Дали инспирацијата понекогаш доаѓа од места што на прв поглед немаат никаква врска со накитот?
Ха! Ме прашуваш за нешта кои се навидум толку очигледни, но ретко кој навистина ги гледа и препознава.  Инспирацијата секогаш доаѓа од места кои се чини дека ни на втор поглед немаат врска со накитот. А всушност се тесно поврзани - оти јас, уметникот, сум мостот кој ги спојува, тие навидум неспоиви нешта. Дизајнот на накит е крајот - тој мал врв на сантата мраз кој се гледа над површината на водата. А надолу, има цела една комплексна маса односно моќна формација на постоење, во која се испреплетени толку различни нишки, во случајов на еден човек. Инспирацијата доаѓа во моментите на слобода што си ги давам на себеси, да бидам каде сакам и кога сакам, поточно објаснето, кога интуитивно чувствувам каде во даден момент морам да бидам и давам сè од себе тоа да го остварам, без разлика на секојдневноста на животот и обврските во него.  

Чинам дека тоа е битно за секој еден уметник. Слободата во мислата се познава во слободата во моите раце кога работам, смелоста на духот се препознава во новите форми на современ накит кои ги создавам. Бестрашноста и сосредоточеноста кога сум на едрилица во костец со ветрот или на планина во предизвикувачки зимски услови, се познава во самодовербата во истражувањето надвор од границите на материјалот и техниката кои најдобро ги познавам и работам. Да се биде уметник е голема одговорност и ни најмалку лесна професија. Иако не би категоризирала воопшто така. Уметник се раѓаш, само некогаш ти требаат (многу) години тоа да го сфатиш и видиш за себеси. Постојаното трагање по совршената форма, линија, дизајн, израз знае да биде многу исцрпувачки. Кога патувам, многу часови поминувам во музеи. Сама и многу често одам во истиот град и во истите музеи. Фаќам детаљи во уметничките дела - го препознавам уметникот во нив. И, од тоа учам.

Од друга страна, инспирацијата не е секогаш само иницијалниот момент што те инспирирал за да создадеш парче накит. Инспирацијата е многу покомплексна и нималку еднозначна. Инспирацијата е и во делот да бидеш поискрен уметник, по добар дизајнер, по квалитетен техничар, по вешт учител, по скромен човек итн…. Инспирацијата некогаш доаѓа и од прашањата од некое интервју, од разговор со човек крајно различен од тебе... Инспирацијата е убава и крајно неопходна работа. Но, мора да се биде отворен, слободен комплетно да и се предадеш, бидеш доволно љубопитен и видиш каде ќе те одведе тоа.

Што ви носи периодот што доаѓа и во која насока сакате да се развива вашата уметност?
Периодот што доаѓа т.е. веќе е тука е крајно возбудлив и носи промена, која потајно многу долго ја посакував и знаев дека во правиот момент ќе се случи. Следните две години, ми претстои период на релокација со цел академско надоградување во полето во кое што работам. Во Август заминувам за Америка, поточно одам во Филаделфија, на Темпл Универзитетот, како Фулбрајт стипендист од Македонија. Одам на постдипломски студии, на Тајлер факултетот за Уметност и Архитектура, каде ќе студирам на мастер програмата за обработка на метали и дизајн на накит / CAD-CAM. Оваа програма и самото живеење во Фиалделфија која заедно со Њујорк се центарот на уметничката сцена и култура во Америка и те како ќе донесе некој нов тек во моето изразување. Постипломските студии се во насока на попрецизно оформување на мојот профил како индивидуален уметник. До каде ќе стигнеме јас и мојата уметност, останува да видиме. Eдно знам, дека следниве две години ќе бидат пресврт. Каков, останува да видиме (насмевка).