Прилепска Пиварница со донација за Универзитетската клиника за урологија во Скопје

Прилепска Пиварница денес ја реализираше донацијата за Универзитетската клиника за урологија во Скопје, преку набавка на медицинска опрема во согласност со потребите на клиниката во вкупна вредност од 400.000 денари. Прилепска Пиварница во ноември преку својот бренд Златен Даб ја спроведе кампањата „Мовембер – На здравје, за машкото здравје“, со која се приклучи кон глобалното движење за подигнување на свесноста за поголема (редовна) грижа за машкото здравје.

Комуникацијата за кампањата „Мовембер“ се одвиваше преку специјално дизајнирани етикети на стаклените шишиња Златен Даб, директно ја таргетираше машката популација и придонесе за подигнување на свесноста за вршење редовни прегледи и рана детекција на тешки заболувања. Во текот на кампањата Прилепска Пиварница од секое купено пиво Златен Даб во стаклена амбалажа од 0,33л и 0,5л, одвојуваше одреден паричен износ наменет како донација што изнесува 400.000 денари.

„Во целиот свет месецот ноември беше во знакот на машката популација и се одбележуваше со различни активности за подигнување на свеста за две чести заболувања кај мажите, какви што се ракот на тестиси и ракот на простата, но и општо одржување на психофизичкото здравје на мажите. Симболично обележје на Мовембер се мустаќите, а нив можевте да ги забележите на етикетите на стаклената амбалажа на Златен Даб 0,33л и 0,5л. Задоволни сме што може да помогнеме и истовремено да поставиме позитивен пример за грижа и солидарност“ – изјави Сашко Самарџиоски, генерален директор на Прилепска Пиварница.

Прилепска Пиварница за првпат оваа година се придружи на глобалната иницијатива за подигнување на свесноста за поголема грижа за целокупното машко здравје, апелира за редовна посета на лекар, вршење контроли и рано откривање тешки болести.