Конект и партнерите го објавуваат започнувањето на „Деновите за донирање“, коишто имаат за цел да ги инспирираат луѓето да го донираат своето време, ресурси, а преку различни активности нудат можности тоа да го прават преку креативност и негување поздрави животни навики. Почнувајќи од денес, преку оваа иницијатива се повикуваат поединците, семејствата, бизнисите и заедниците да се здружат и заедно да направат позитивно влијание во општеството.
„Волонтирањето и донациите се одлични начини да се поддржи заедницата и да се направи позитивна промена. Секој од нас може да придонесе, било преку своето време, вештини или ресурси. Поттикнуваме иницијатива за позитивни промени и веруваме дека учеството во активности за поздрави животни навики и креативни настани не само што помага, туку и ги зближува луѓето. Важно е да ги споделиме овие пораки и да ги мотивираме другите да се вклучат“, изјави Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението Конект.
Филантропските активности и годинава здружуваат донации во донаторскиот фонд на Конект од каде се доделуваат средства за проверени и влијателни иницијативи на граѓански организации.
Средствата што ќе се приберат се наменети за „Мрежата на македонските доброволни противпожарни друштва“, нашите волонтери-херои кои ги заштитија нашите шуми од катастрофалните штети на дивите пожари без соодветни алатки или заштитна облека; за организацијата „Палиум“, оние кои даваат специјална грижа, помагала и поддршка на семејствата чии членови се борат со рак; „ИМКА Битола“, младинската асоцијација која работи на едукацијата и активирање на младите луѓе и „Отворете ги прозорците“, организација со центар за развојот на децата со попреченост со помош на технологија.
„Со голема чест и здоволство го објавуваме формирањето на „Мрежата на македонски доброволни противпожарни друштва“, која ќе биде чадор организација за сите доброволни противпожарни друштва на ниво на целата територија на државата. Оваа иницијатива е клучна за зголемување на безбедноста во заедниците и обезбедување брз одговор при настанување пожари и другите елементарни катастрофи“, изјави претседателот на „Мрежата на македонските доброволни противпожарни друштва“, Кирил Михајлов.
Следете нѐ на социјалните медиуми (@konekt.ngo, @opop_doniraj) проверете го нашиот календар за работилници и настани што се случуваат во текот на месецот, донирајте со повик на 143 333 и учествувајте во секојдневните предизвици коишто поттикнуваат филантропија, поздрави животни навики и креативно споделување.
Користете го хаштагот #denovizadoniranje за да ги покажете вашите добри дела и учеството на низа настани како добротворни базари, модни аукции, натпревари итн.
Настанот e организиран во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“, спроведуван од здружението Конект, a во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Северна Македонија.