Презентирани реформите во јавната администрација

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес на прес конференција ги презентираше клучните реформи и предлог законските решенија кои ќе значат пресвртница во управувањето со јавниот сектор. Според министерот овие законски решенија се резултат на транспарентен и инклузивен процес, со вклучување на експерти, граѓански здруженија, синдикати, академската заедница, ЗЕЛС и меѓународни партнери, преку јавни дебати и консултации.

Министерството се залага за:

- Департизација на јавната администрација, со цел вработувањата да бидат базирани на заслуги и компетенции;

- Транспарентни процедури за вработување, со јавно достапни огласи и фер процес на селекција;

- Континуирана обука и развој, преку нова Академија за администрација;

- Рационализација и заштеда на буџетски средства, преку реорганизација на инспекциските органи;

- Објективно следење на учинокот и унапредување на административните службеници.

Една од клучните промени е и префрлањето на Агенцијата за администрација под надлежност на Министерството, што ќе обезбеди поголема координација и отчетност.

Како дел од реформите, се најави и усогласување на платите на административните службеници со Општиот колективен договор, што ќе доведе до просечно зголемување од 8% од 1 март 2025 година.

„Со овие реформи докажуваме дека јавната администрација е сервис на граѓаните, а не алатка за политички интереси. Ова е чекор напред кон модерна и професионална администрација која ќе ги исполнува европските стандарди,“, изјави министерот Минчев.