Претстојниот викенд во Охрид стартува музичкиот караван по повод 35 години независност на Македонија

Во недела, на 9 август, во Охрид започнува музичкиот караван по повод одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија. Првиот настан ќе се одржи на стадионот „Билјанини Извори“, а публиката ќе има можност да проследи мултимедијален музичко-сценски спектакл што преку музика, глума и танц ќе ја раскаже приказната за трите и пол децении независност на државата.

Караванот е најавен како серија настапи во 11 градови низ земјата, во кои ќе учествуваат познати македонски музички изведувачи и актери.

- Преку музика, глума и танц, во форма на мултимедијален сценски спектакл ќе биде раскажана приказната за 35 години независност на нашата татковина, истакнувајќи ги најзначајните историски моменти, подеми, предизвици и достигнувања од изминатите три и пол децении, велат од Авалон продукција. 

Организаторите најавуваат дека имињата на останатите градови ќе бидат објавени дополнително.

Завршниот настан е предвиден за 4 септември на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде, според најавите, на сцената ќе настапат повеќе од 120 уметници, во пресрет на одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември.