Претседателот Пендаровски ќе му го додели мандатот на Заев

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска напладне ќе му го додели мандатот за состав на новата влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев, чија коалиција „Можеме“ освои најмногу пратенички мандати на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули.

Според досегашната практика, во земјава мандатот за состав на новата влада го добиваше партијата што победила на изборите. Таков беше случајот и на изборите во 2016 година кога мандатот го доби поранешниот премиер Никола Груевски, кој ја предводеше тогашната победничка коалиција, но откако не успеа да состави влада го врати мандатот и тогашниот претседател Ѓорге Иванов му го врачи на Зоран Заев, кој обезбеди доволен број потписи од пратениците за мнозинство во Собранието.
Претседателот Пендаровски веќе претходно најави дека има намера мандат да му додели на оној што ќе го увери дека има мнозинство, за да не се губи време со доделување мандат на кандидат што не обезбедил мнозинство.

– Зоран Заев, во име на коалицијата,,Можеме“, која има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информира претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на Владата – се вели во вчерашното соопштение од претседателскиот кабинет.
Според професорот Борче Давитковски, најдобро би било претседателот да ѝ го довери мандатот на онаа коалиција што обезбедила поддршка од 61 пратеник во интерес на времето.
– Претседателот треба да ѝ го довери мандатот на онаа коалиција што обезбедила 61 пратеник за да не се губи непотребно време. Потребно е што поскоро да имаме политичка влада оти не знаеме какви ќе бидат последиците од коронавирусот наесен – смета Давитковски.

Од кабинетот на Пендаровски потврдија дека претседателот ќе го довери мандатот денеска, без оглед на тврдењата на претседавачот со Собранието Талат Џафери дека Собранието се смета за конституирано дури откако ќе избере претседател и потоа течат роковите за доделување мандат.
– Претседателот се консултира со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: за да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор. Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Талат Џафери, останува на неговиот став, кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни политички опции – се вели во одговорот од кабинетот на Пендаровски.
Оттаму уште за „Нова Македонија“ го повторија ставот на претседателот дека мандатот му се доделува на оној што обезбедил мнозинство.

– Суштината на учеството на изборите е некој од политичките субјекти да дојде во позиција да ја конституира власта – смета Пендаровски.
Засега нема информации со кого Заев успеал да го обезбеди мнозинството бидејќи од ДУИ тврдат дека претседателот Стево Пендаровски само процедурално го доделува мандатот, по што ќе следуваат преговори за состав на нова влада.
– Процедурално се доделува мандатот, по што ќе следуваат преговорите за состав на новата влада – одговори кратко за „Нова Македонија“ портпаролот на ДУИ Артан Груби, не прецизирајќи дали тие ќе бидат дел од владата на Заев.
Од СДСМ до затворањето на весникот не добивме одговор со кого е обезбедено мнозинство за состав на новата влада.