Претреси и апсење низ Скопје поради лажирање извештаи и уплатници за регистрација на возила - штетата проценета над 13 милиони денари

Доцна синоќа припадници на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ – МВР спровеле акција на повеќе локации во Скопје, при што биле извршени претреси и биле уапсени повеќе лица во рамки на истрага за сериозен финансиски криминал.

Според неофицијалните информации, истрагата се однесува на сомнежи за финансиски злоупотреби поврзани со наплатата на надоместоци при регистрација на возила. Се сомничи дека преку лажирање извештаи и уплатници биле прикривани и пренасочувани парични средства.

Во случајот, според истите информации, се опфатени физички лица и правни субјекти, а меѓу осомничените наводно има и вработени во државни институции и претпријатија. Едно од лицата, според неофицијалните информации, е вработено во Јавното претпријатие за државни патишта.

Од МВР ја потврдиле информацијата дека акцијата била спроведена, додека повеќе детали за случајот се очекуваат во текот на денот.

Акцијата, наводно, била забрзана откако еден од главните осомничени се обидел да ја напушти државата, по што истражните органи започнале со реализација на случајот.

Првичните информации говорат дека финансиската штета се проценува на над 13 милиони денари.