Преспа форум за дијалог 2022: Градење иднина на Западен Балкан во современата безбедносна архитектура

 Со учество на претседатели на држави и на влади, на шефови на дипломатии и други високи претставници на годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор од 16 до 18 јуни во Охрид ќе се одржи второто издание на Преспа форумот за дијалог 2022.

Како што рече шефот на дипломатијата Бујар Османи на денешната прес-конференција, по успехот од минатата година, овој Форум стана најголемиот дипломатско-политички форум на Западен Балкан и влезе на листата на реномирани политичко-дипломатски платформи каде што се разговараат теми важни за денешницата.

– Со оглед на актуелните политички, па и безбедносни предизвици, оваа година конференцијата го носи насловот „Градењето на иднината на Западниот Балкан во современата безбедносна архитектура“, колку е отворен светот во којшто живееме, дали евроатлантската безбедносна архитектура втемелена на структурите на НАТО и ОБСЕ е подготвена да го одржи меѓународниот мир, колку е регионот подготвен да ги издржи притисоците на современите предизвици. Во фокусот на дискусиите ќе доминираат актуелни теми, проектирани низ нашата регионална призма, градењето на отпорна безбедносна средина, зацврстување на стратешките партнерства, европската и евроатлантската перспектива на регионот, меѓусебната соработка, климатските промени и влијанија, рече Османи.

Тој исто така информира дека годинава, покровител на Форумот ќе биде претседателот Стево Пендаровски, кој ќе биде и домаќин на централниот панел или отворање на форумот вечерта на 16 јуни, во очи на четиригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор.

Темата на централната сесија ќе биде „Што после војната во Украина“, која ќе биде опфатена од најширок можен политички аспект, како централна точка во дефинирањето на идните меѓународни односи.

Покрај претседателот Пендаровски, на отворањето ќе се обратат и бројни претседатели од регионот, меѓу кои досега учеството го имаат потврдено претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателите на Словенија Борут Пахор, на Косово Вјоса Османи и на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, а се очекува потврда уште од други шефови на држави од регионот.

На Форумот, исто така, ќе учествуваат и потсекретарката на ОН за политички прашања Розмари ди Карло, актуелната генерална секретарка на ОБСЕ Хелга Шмид, шефот на дипломатијата на Полска, Збигњев Рау, на Словачка, Иван Корчок, на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, на Турција Мевљут Чавушоглу, на БиХ Бисера Турковиќ и на Ватикан надбискупот Пол Ричард Галагер.

На Форумот ќе присуствуваат и државните министри од Шпанија, Малта, кои се и претставници на своите земји во Советот за општи работи на ЕУ.

Османи најави дека на собирот ќе учествуваат и сите претставници за Западен Балкан – од САД Габриел Ескобар, од ЕУ Мирослав Лајчак, од Обединетото кралство Стјуарт Пич, и од Германија Мануел Сарацин, што, како што рече, ќе биде за првпат сите четворица специјални претставници за регионот да бидат на едно место или на еден панел и тоа во посета на регионот.

– Она што е посебно важно за нас е дека сите четворица во рамки на Преспа форумот за дијалог ќе учествуваат на состанокот на Б6 – министрите за надворешни работи на Западен Балкан, што, рече, е наша автентична иницијатива за неформална комуникација меѓу министрите за надворешни работи од регионот.

Во пресрет на Преспа форумот, Османи го најави и настанот што ќе се одржи за една седмица, на 25 мај, во Клубот на пратениците насловен „Патот до Брисел“, на кој ќе учествуваат признати експерти, претставници на домашни и регионални институти и тинк тенкови. Во овој контекст Османи ја најави и посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, кој ќе дојде во Скопје на 25 мај.