Пресметано колку поврат на ДДВ ќе добијат граѓаните

Македонско семејство кое троши за минималните основни потреби, односно 32.670 денари, колку што изнесува социјалната потрошувачка кошница, ќе добие годишен поврат на ДДВ од само 172 евра, пресмета Фајненс Тинк во својата анализа за овој проект што треба да стартува на почетокот од втората половина од 2019-та.

Ако едно такво домаќинство троши 392.040 денари годишно, преку сметките на државата ѝ плаќа ДДВ во износ од 1.146 евра. Според тоа, може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година, односно 15 отсто од сумата..

Само најбогатите домаќинства кои годишно трошат 1,2 милиони денари (околу 20 илјади евра) ќе можат да вратат една просечна плата со новонајавената мерка за поврат на ДДВ. 

Вкупниот годишен поврат на ДДВ кај сите домаќинства ќе изнесува 49,5 милиони евра, иако премиерот Зоран Заев најави дека годишно со повратот на ДДВ граѓаните ќе добијат меѓу 60 и 100 милиони евра годишно.

Владата најавува дека овој проект ќе треба да почне на 1 јули.

„Ќе имаме одличен систем и очекувањата се дека граѓаните ќе добијат меѓу 60 до 100 милиони евра годишно на самиот старт, а во зависност од процентот на успешност, толку повеќе ќе растат и вкупните пари што ќе одат кај граѓаните, но и во буџетот“, вели Заев.

Според власта, со воведувањето на повратот на ДДВ се очекува граѓаните сами да бидат контролори и да добијат значителни приноси, но и да се подобри наплатата на ДДВ. Проектот предвидува дека право на поврат ќе има секој кој ќе има над 15 години и важечка лична карта. Според него, на тој начин ќе се намали даночната евазија и дека сега, секој граѓанин ќе биде инспектор. „Ќе игра телефонот. Граѓаните сами ќе бидат инспектори, бидејќи се работи за нивните пари“, изјави Заев.