
Пред точно седум години, на 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија и со тоа делумно и се отвори патот кон евроатлантската интеграција, но за многумина се отворија и нови перспективи во билатералните односи со Грција.
Договорот беше постигнат во период кога кај јужниот сосед на власт беше СИРИЗА, кај нас СДСМ и го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.
Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Земјата стана 30-та членка на НАТО, но патот за членство во ЕУ во суштина повторно остана заглавен, овој пат со друг билатерален услов и со друга блокада.
Некои Договорот од Преспа го прославија како победа, додека повеќето од граѓаните како се уште да го чувствуаат како предавство.