Пратениците избраа двајца нови министри: Мухамет Хоџа за животна средина и Беким Сали за евроинтеграции

Собранието денеска во рамки на 75. пленарна седница ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и Беким Сали за министер за евроинтеграции. Веднаш по изборот Хоџа и Сали дадоа свечени изјави пред пратениците.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски пред Собранието ги образложи предлозите Мухамет Хоџа да биде министер за животна средина и Беким Сали за министер за евроинтеграции.

– Денес пред вас го ставам предлогот за избор на двајца министри со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работа, на клучни ресори од извршната власт, рече Мицкоски.

За Хоџа рече дека кандидатот располага со долгогодишно искуство во државната управа и во извршната власт, дека е со ангажмани во повеќе институции со раководни позиции кои подразбираат одговорност, координација и работа во сложена административна и институционална средина.

– Неговото досегашно професионално искуство обезбедува познавање на процедурите, меѓуинституционална соработка и потребата од усогласување на различни јавни политики. Министерството за животна средина и просторно планирање, има важна улога во креирањето и спроведувањето на политики поврзани со одржливиот развој, националното користење на просторот и заштитата на животната средина. За овој ресор е потребен пристап кој што ќе се темели на законитост, институционална стабилност и континуитет во работењето, што сметам дека кандидатот може да го обезбеди, рече Мицкоски.

За Беким Сали рече дека имал претходно искуство како министер, како и тековен ангажман во законодавната власт, што му овозможува јасно разбирање на односите помеѓу извршната и законодавната власт, и начинот на функционирање на државните институции.

-Ова искуство е особено значајно за Министерството за европски прашања кое има координативна улога во процесите поврзани со европската интеграција и реформските обврски на државата. Ресорот европски прашања бара систематска работа, усогласување на институциите, и следење на обврските што произлегуваат од националните и европските документи. Очекувањето е дека кандидатот ќе придонесе кон поефикасна координација и институционален пристап во овие процеси, рече премиерот Мицкоски.

Владата што ја води, како што кажа, станува посветена на одговорно, транспарентно и законито вршење на својата работа.

-Наш приоритет е стабилно функционирање на институциите, доследно спроведување на реформите, и создавање услови за подобар квалитет на живот на граѓаните. Секој член на Владата има јасна обврска да работи професионално, отчетно и во рамките на Уставот и законите, со цел да се обезбеди доверба во институциите и континуитет во државните политики, рече Мицкоски.

Од предложените кандидати, додаде премиерот, се очекува своите функции да ги извршуваат професионално, во согласност со Уставот и законите, и во рамки на надлежностите утврдени со закон.