Познато е кои се новиот кум и здравичарот за Бадник во Скопје

Во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ во месноста Краста на падините на Водно ќе се одржи собир на кој кумот и здравичарот на Бадник 2025 ќе ги засечат бадниковите гранчиња. Новиот здравичар за 2025 година е Атанас Петков, а новиот кум Радомир Макеларски.

„Наше задоволство е веќе трета година да учествуваме во организација на овој настан. Ги повикуваме сите граѓани на 22ри на падините на Водно заедно да береме Бадникови гранчиња, а потоа на 6ти јануари свечено пред Соборниот храм“, рече градоначалникот на Центар Горан Герасимовски.

„На 22 декември од 12 часот ќе започне општонародна граѓанска веселба на јужните падини  на Водно. На 6 ти јануари кај Соборниот храм да го одбележиме овој голем празник на скопското бадникување, веќе е се спремно и сметаме дека се што ни е зацртано ќе го реализираме“, посочија од Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

„Чувството е убаво, возбудата е голема, радоста е уште поголема“, рече новиот здравичар за 2025 година Атанас Петков.

Петков е дипломиран архитект, роден 1955 година и живее во Скопје.

„Тоа ќе биде и убава можност за дружење и запознавање со членовите на Одборот, кои ги прават завршните подготовки за 33-та средба на 6-ти јануари 2025 година на платото пред Соборниот Храм Свети Климент Охридски. Поканети се и кумови и здравичари од изминатите манифестации, што наидоа на општа симпатија и одобрување кај скопјани, како и долгогодишни спонзори и симпатизери на традиционалното скопско Бадникување, информира Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје.