Пожарникари ќе дежураат цела ноќ за да го заштитат селото Габер и околните населени места

Пожарникарите ќе останат на терен цела ноќ во близина на селото Габер, откако пожарот што се проширил од селото Моране го зафатил и овој дел.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, вечерва соопшти дека заедно со командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, и пожарникарските екипи се наоѓаат во Габер и ја следат состојбата.

Поради тешкиот и непристапен терен, гаснењето од земја е отежнато. Во текот на денот во гаснењето од воздух интервенирале три авиони „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Пожарникарите во текот на ноќта ќе останат на терен за да го заштитат селото Габер и околните населени места, но и навреме да реагираат доколку огнот повторно се активира или се прошири.

Според најавите, утре во раните утрински часови повторно ќе интервенираат авионите „ер трактор“, заедно со екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје.

Целта е пожарот целосно да биде локализиран и изгаснат, а селото и околните населени места да останат безбедни во текот на ноќта.