По повиците на социјалните мрежи граѓаните во петок да не пазаруваат во маркетите поради високите цени како што тоа се случи во Хрватска, а такви акции се најавени и во Босна и Херцеговина и Црна Гора, надлежните институции најавуваат ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен.
По вчерашната средба во Владата со Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција, премиерот Христијан Мицкоски најави одлучна, одговорна и транспарентна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои директно влијаат на животниот стандард.
„Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните.Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!“, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.
Тој ги повика сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот.
„Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка. Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените“, наведе Мицкоски.
И министерот за економија и труд Бесар Дурмиши застана со поддршка на иницијативата за бојкот посочувајќи дека тоа е граѓанско право на потрошувачите и дека тие имаат право сами да одлучуваат како и каде ќе ги трошат парите.
„Ги поддржуваме граѓаните во бојкотот пред се на маркетите кои изминативе години енормно ги зголемуваат цените на производите без никаква економска логика. Ние како Министерство за економија и труд носевме мерки за заштита на стандардот на граѓаните со замрзнување на маржата на основните прехранбени производи со цел да не дојде до енормно зголемување на цените каде што нема основа за истото и во таа насока ги поздравуваме ваквите иницијативи и граѓани со вакви активности. Изминативе години претходната влада ги толерирала трговците, кои за дополнителен профит преку нереалните зголемувања на цените дополнително се богателе на грбот на граѓаните. Ова однесување мора да запре“, напиша Дурмиши.
Поддршка за бојкотот дадоа и двете најголеми македонски партии - ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Најновите статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти.