Повеќе од 80 активности низ државата за Светскиот ден на менталното здравје

По повод Светскиот ден на менталното здравје – 10 октомври, лиценцираните психолози од Комората на психолози на Македонија, од 6 до 14 октомври, реализираат над 80 активности низ целата држава.

Програмата опфаќа работилници, разговори, трибини, предавања и јавни акции, кои се одржуваат во училишта, градинки, библиотеки, универзитети, институции и на јавни места. Идејата е разговорот за менталното здравје да стигне таму каде што луѓето секојдневно живеат, учат, работат и се среќаваат.

„Менталното здравје не е нешто за кое се грижиме само кога ќе стане тешко. Тоа се гради во секојдневието – во разговорите што ги водиме, во односите што ги негуваме, во начинот на кој ги слушаме другите, но и во тоа дали си дозволуваме да кажеме: „Не сум добро“ и да побараме поддршка. Затоа оваа недела сакаме психолозите да бидат поблиску до граѓаните – таму каде што живееме, учиме, работиме и се среќаваме, за разговорот за менталното здравје да стане природен дел од нашето секојдневие“, вели Јована Затаракоска, лиценциран психолог и системски и семеен психотерапевт.

Најголем дел од програмата е наменет за децата и младите, преку активности во основните и средните училишта и градинките. Психолозите со нив разговараат за препознавање и изразување на чувствата, меѓусебната комуникација, барањето поддршка, справувањето со тешкотиите и начинот на кој можеме да бидеме поддршка за другар или соученик.

Значаен дел од програмата е посветен и на оние кои секојдневно се грижат за децата и младите – наставниците, воспитувачите и родителите. Темите ги опфаќаат стресот и предизвиците со кои се соочуваат во својата улога, грижата за сопственото ментално здравје, но и препознавањето на знаците дека на едно дете или млад човек му е потребна поддршка.

Програмата ги опфаќа и луѓето кои се грижат за други, со посебен фокус на тоа како да се грижиме за себе додека се грижиме за некој друг. Средби и содржини се наменети и за професионалците кои работат во помагачките професии, вклучително и психолозите, а дел од активностите се реализираат во институции и центри за поддршка.

Покрај активностите во образовните и институционалните средини, низ повеќе градови ќе се одржат и содржини отворени за сите граѓани.

Дел од пораките и материјалите ќе бидат достапни и преку социјалните мрежи, со цел да стигнат и до оние кои немаат можност лично да присуствуваат.

Во рамки на иницијативата, Затаракоска ја реализира и герила акцијата „Сметка за тебе“, со која на 10 октомври, во угостителски објекти во повеќе општини во Скопје, граѓаните покрај фискалната сметка ќе добијат и дополнителна „сметка“ – кратка порака за грижа за себе.

„Често знаеме да заборавиме на себе. Се грижиме за работата, за семејството, за сите околу нас, а за себе најмалку. Затоа „Сметка за тебе“ е едноставен потсетник дека покрај сите сметки што ги плаќаме секојдневно, треба да водиме сметка и за себе“, додава Затаракоска.

Со 65 активности во период од девет дена, иницијативата има за цел менталното здравје да не биде тема само на 10 октомври. Наместо еден ден посветен на ова прашање, психолозите сакаат да отворат поширок разговор – за тоа како се чувствуваме, како се поддржуваме едни со други и кога е време да побараме помош. Бидејќи грижата за менталното здравје не е само прашање на еден ден во годината, туку дел од секојдневието.