Поучна приказна за сите кои се преоптоварени со работата

Еден човек доцна се вратил од работа, уморен и нервозен, и на врата го пречекал неговиот петгодишен син.

Синот: „Тато, може ли да те прашам нешто?“
Таткото: „Да, кажи, што е?“
Синот: „Татко, колку ти е саатница на работа?“
Таткото: „Тоа не е твоја работа. Зошто ме прашуваш?“
Синот: „Само сакав да знам. Те молам кажи ми ти е саатницата?“
Таткото: „Ако веќе мораш да знаеш, заработувам 40 евра на час.“
Синот: „Ах... Тато, може ли да ми позајмиш 20 евра?“

Таткото бил бесен. „Ако единствената причина што ми бараш 20 евра на заем е за да купиш некаква играчка или слична глупост, тогаш оди во соба и размисли зошто си толку себичен. Јас не работам секој ден за такви детски бесмислици.“

Детето тивко отишло во соба и ја затворило вратат. Човекот седнал и уште повеќе се изнервирал. Како се осмелува да ми поставува такви прашања само за да добие пари? После некое време, малку се смирил и размислил: А можеби навистина му биле потребни тие 20 евра... Навистина ретко зборува и ми бара пари. Човекот отишол до неговата соба и ја отворил вратата.

Го прашал својот син: „Сине, заспа?“
Детето одговорило: „Не, тато, буден сум.“

Таткото рекол: „Размислував, можеби бев престрог кон тебе. Имав тежок ден и тебе ти се истурив. Еве ти ги 20-те евра што ги бараше.“

Детето се исправило со насмевка на лицето: „Леле, фала ти тато!“ Потоа посегнал под перницата и извлекол неколку згужвани пари. Кога видел дека детето веќе има пари, повторно се налутил. Детето полека ги броело своите пари и го погледнало својот татко. 

Таткото нервозно прашал: „Ако веќе имаш пари, зошто ми бараше уште?“

Детето одговорило: „Затоа што немав доволно, а сега имам. Тато, сега имам 40 евра. Може ли да купам еден час од твоето време? Те молам утре дојди дома порано. Сакам да вечерам со тебе.“

Таткото бил скршен. Го прегрнал својот син и молел за прошка. 

Ова е само краток потсетник за сите кои напорно работат. Не смееме да дозволиме времето туку-така да поминува покрај нас, а да не поминуваме некое време со луѓето кои ни значат и кои ги сакаме. Ако умреме утре, компаниите за кои работиме лесно ќе нè заменат. Но, на семејството и пријателите ќе им недостигаме до крајот на животот.