Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на денешната прес-конференција кажа дека сите типови на овошје и зеленчук кои се одгледуваат во државата ќе бидат инкорпорирани во пресметката на просечната потрошувачка кошница .
Како што потенцираше Трипуновски на прес-конференција во Владата, овошјето и зеленчукот постепено ќе се вклучуваат во кошницата, сезонски, во зависност од периодот кога зреат и се консумираат. За таа цел, веќе е креиран посебен календар кој е доставен до Министерството за економија.
“Точно е дека МЗШВ учествува заедно со другите министерства во креирањето на кошничката и е задолжено за земјоделските производи. Листата на производи е голема и верувам дека кошничката ќе ги содржи сите. Пред се се застапени оние што ги произведуваме во Македонија. МЗШВ согласно Календарот на производство на земјоделски култури изработи посебен Календар - кои земјоделски култури во кој период доспеваат и се користат. Тој список е доставен до Министерството за економија. Знаете дека одредени производи се со сезонски карактер, па во периодот на нивно производство ќе бидат и вметнати во кошничката,” објасни Трипуновски, одговарајќи на новинарски прашања.