Потпишано Писмо за спогодба со УНОДЦ за воспоставување на национална аеродромска меѓуагенциска група

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го потпиша Писмото за спогодба со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (UNODC) за воспоставување на национална аеродромска меѓуагенциска група, соопшти владината прес-служба. 

– Со надградбата на Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (UNODC) во Скопје, од Проектна во Програмска Канцеларија, практично се отвори патот наместо фокусирање на еднократни проекти, да се концентрираме на организирање, изготвување, реализирање и координирање на портфолио на долгорочни проекти, програмирани согласно нашите заеднички интереси и потреби, рече Спасовски. Предвидени се заеднички проекти на двете институции за подигање капацитетите и ефикасноста на граничната контрола и безбедност, насочен кон борбата против транснационалниот криминал и тероризмот.

На настанот присуствуваа и заменик на претседателот на Владата за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и Бил Вуд, шеф на Канцеларијата на УНОДЦ во Скопје и регионален советник за организиран криминал, а на видео линк од Виена беше вклучен директно и  Џон Брандолино, директор на Одделот за договорни прашања на Канцеларијатa на Обединетите нации за дрога и криминал, потписник на Писмото за спогодба.

Министерот Спасовски потенцира дека со спогодбата Северна Македонија и UNODC, и формално се согласуваат да спроведат два проекти на оваа канцеларија на ОН во нашата држава.

– Пред нас претстои период на интензивна соработка во правец на формирање на аеродромска меѓу-агенциска група составена од единица за контрола на воздушни карго-пратки и заедничка аеродромска единица за пресретнување на Меѓународниот аеродром Скопје, како и создавање на неопходна инфраструктура за аеродромската група: определување на службеници на институциите на спроведувањето на законот со надлежност на границите кои ќе бидат дел од таа единица и уште многу други активности во насока на осигурување ефективно и ефикасно функционирање на оваа мулти-агенциска единица“. “Овие активности, несомнено и во голема мера ќе придонесат кон натамошно зајакнување на перформансите на органите за спроведување на законот во борбата против транснационалниот организиран криминал и тероризмот во Република Северна Македонија и ќе имаат значаен ефект за зајакната гранична безбедност и генерална безбедност, како на национален, така и на регионален план, истакна министерот Спасовски.

Заменик на претседателот на Влада, Николовски, пак, од своја страна упатувајќи честитки за потпишувањето на оваа исклучително важна спогодба, како дел од институционалните напори и активности во севкупното подигање на капацитетите и стандардите на борба против криминалот  на органите надлежни за спроведување на законите, потенцираше дека за нас како држава, е од особено значење поддршката и помошта од Канцеларијата за борба против криминал и дрога при Обединетите Нации, што ќе ја добиеме преку предвидените координирани активности во спречување на меѓународниот криминал и тероризам.

Според Николовски, станува збор за глобален проект бидејќи досега се вмрежени 34 аеродроми, не само во регионот туку и на останатите континенти.

– Проектите давaат успешни резултати секаде во светот, очекувам и кај нас да има ефикасна реализација, со брзо видливи резултати, истакна Николовски.

Нагласи дека борбата против корупцијата и криминалиот е вториот врвен приориетет во владината рамка „Акција 21- европски стандарди дома“. – Преку  конкретни мерки и политики, ќе се фокусираме на спречување на корупцијата и криминалот, во секоја сфера од општеството, вклучително и на мерки за сузбивање на меѓународниот криминал и тероризам. Затоа во целиот процес, ни е важна секоја помош и поддршка, не само  домашна, туку и странска експертиза, рече Николовски.

Инаку Писмото за спогодба се однесува на две програмски активности – првата, осмислена како Проект за комуникација на аеродромите кој има за цел воспоставување оперативна комуникација во реално време меѓу аеродромите заради спречување и борба против транснационалниот криминал и тероризам; и втората – Програма за контрола на контејнери со цел градење капацитети за управување со ризик, безбедност на синџирот на снабдување и олеснување на трговијата на пристаништата, аеродромите и копнените гранични премини од аспект на спречување прекугранично движење на недозволенa стока.

Потписникот на писмото за спогодба, Директорот на Одделот за договорни прашања на Канцеларијатa на Обединетите нации за дрога и криминал во Виена, Џон Брандолино преку видео врска во своето поздравно обраќање изрази благодарност до Владата за пристапувањето кон „Проектот за комуникација на аеродромите (AIRCOP) – Воспоставување оперативна комуникација во реално време меѓу аеродромите заради спречување и борба против транснационалниот криминал и тероризам“, со уверување дека имплементацијата на овој проект ќе даде одлични резултати и во Република Северна Македонија.

Брандолино ја искажа подготвеноста на УНОДЦ за идната поддршка на Република Северна Македонија во борбата против  транснационалниот криминал и тероризам , во делот на обезбедување активности за градење на капацитетите на персоналот на аеродромската група, како и на одреден број  вработени од други државни и цивилни служби кои работат на аеродромот, со цел  откривање и пресретнување на високоризични патници заради спречување недозволена трговија преку воздушниот сообраќај