
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска најавија дека како резултат на циклонска активност за време на ноќта, како и во текот на утрешниот ден се најавуваат обилни врнежи во крајните јужни и југоисточни делови на земјата.
Од УХМР посочуваат дека се очекува зголемен водостој на реките и суводолиците во јужните и југоисточните делови на земјата во текот на утрешниот ден, односно висок водостој е можен во сливот на река Струмица и Струмичкиот регион, на река Анска и останатите помали реки и суводолици во Гевгелиско-Валандовскиот регион (река Калковска) и Дојранскиот регион, во крајниот долен дел од сливот на река Вардар, на водотеците кои доаѓаат одпланинскиот масив кожув (река Бошава, река Дошница, река Коњска, река Кованска, река Серменинска, река Петрова и другите помали реки) во Битолскиот дел од сливот на река Црна (река Елешка), како и во
Охридско-Преспанскиот регион.
Доколку се остварат прогнозите за количините на врнежи кои засега се најавуваат за крајните јужни и југоисточни погранични делови и доколку обилните врнежи навлезат подлабоко на територијата на земјата, на места можни се и локални излевања во наведените речни сливови.
Во тој случај, како што велат од УХМР, можно е да проработат помалите реки и суводолици, да се активираат во текот на утрешниот ден и локално на места е можно да предизвикаат излевања.
„Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во јужните и југоисточните делови на земјата во текот на утрешниот ден“, апелираа од УХМР.
Исто така, споделија е „жолто“ ниво за предупредување од поплави поради постоење на потенцијална опасност од локално излевање на реките и суводолиците во крајните јужни и југоисточни делови на земјата во текот на утрешниот ден.
