После половина век улицата ,,Ѓорѓи Димитров“ добива современ изглед - нови тротоари, асфалт, проширување, паркинг и зелен појас

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на неговиот Фејсбук профил напиша дека реконструкцијата на улицата ,,Ѓорѓи Димитров” е еден од најзначајните инфраструктурни проекти во општината, долга 1,2 километри и широка 12 метри.

„Станува збор за мошне важна сообраќајна артерија што повеќе од половина век беше запоставена, во исклучително лоша состојба, а која секојдневно ја користат стотици наши сограѓани. Со овој зафат, создаваме целосно ново урбано решение, нов коловоз со широки тротоари, со паркинг простор, со уреден зелен појас, кој директно ќе го унапреди квалитетот на животот на жителите, ќе ја зголеми безбедноста на сообраќајот и ќе овозможи поудобно, побезбедно и поуредено секојдневие“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека овој проект е вреден 51 милион денари, и е овозможен благодарение на поддршката од Владата а Република Македонија, преку првиот повик за распределба на средства од Програмата за капитални инвестиции.

„Сакам искрено да се заблагодарам за оваа поддршка на Премиерот Христијан Мицкоски, која е од исклучително значење за нас како општина, бидејќи ни овозможува побрза и поефикасна реализација на крупни проекти што директно го подобруваат животот на граѓаните. Во тек е и вториот повик за доделување средства за капитални инвестиции, на кој Општина Кисела Вода повторно аплицира со целосно изготвени проекти. Сметам дека ова е исклучителна можност што ние како градоначалници мораме да ја искористиме за да ги модернизираме нашите општини и да обезбедиме подобри услови за живот за нашите сограѓани и затоа апелирам до нив, да подготват квалитетни проекти и да аплицираат“, посочи Ѓорѓиевски.