Пораст на бројот на ковид позитивни за 65% - се огласија надлежните

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок констатираше дека има зголемување на бројот на позитивни случаи на Ковид 19 во однос од минатата недела, и тоа зголемувањето изнесува 65.8%.

Воедно, констатирано е дека нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со Ковид) и нема зголемување на бројот на смртни случаи.

Согласно овие параметри и земајќи го предвид трендот на зголемување на позитивните случаи од Ковид во соседните држави и светот, потсетуваме на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз, велат од Комисијата. 

Оттаму препорачуваат граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска , одржување растојание и почесто миење раце.

Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените ќе донесе соодветни препораки, се наведува во нивното соопштение по денешниот состанок.