Пораката на Тито кажана за Скопје по земјотресот во 1963 година, ќе се врати на зградата на Старата железничка станица

Буквите на пораката на Тито, кажана за Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, ќе се вратат на источната фасада на зградата на Старата железничка станица. За оваа намена Советот на Град Скопје одобри 220.000 денари за Музејот на Град Скопје со кои ќе се изработат и постават новите букви на текстот од титовата порака на солидарноста.

– Буквите дефинитивно ќе се вратат кај Стара железничка. Изработуваме нови букви, бидејќи старите биле уништени. Сепак, има доволно траги за да изработиме такви букви. Тие ќе бидат поставени пред одбележувањето на јубилејот – 55 години од скопскиот земјотрес, дел од манифестацијата ќе биде пред Стара железничка – вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Текстот што до 2001 година стоеше на фасадата на Стара железничка гласеше вака: “Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помош на целата наша заедница тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството на југословенската и светската солидарност”. Со образложение дека треба да се реконструира фасадата, текстот беше изваден и повеќе не е вратен назад.

– Очекувам годинава да ги ставиме буквите, а две-три години од сега откако ќе се изгради комплексот што го гради “Лимак”, да се облагодари просторот околу Старата железничка каде е сместен Музејот на Град Скопје. Таму предвидуваме сериозни поместувања на просторот. Околу 100.000 евра во соработка со меѓународната заедница ќе бидат вложени во Музејот на Град Скопје со цел да ја облагородиме внатрешноста бидејќи тоа е објект со сериозен потенцијал. Сакаме да стане култен објект наместо зафрлено и заборавено место – вели Шилегов.

Возобновената зграда на Музејот на град Скопје ќе биде умешно вградена во рамки на комплексот што ќе почне да го гради турски “Лимак”.

– Ги решивме сите проблеми што ги имаше инвеститорот “Лимак” кој треба да ја гради подземната сообраќајница и комплексот зад Стара железничка станица кој ќе биде дел од комплексот. Претходното градско раководство на “Лимак” не им го решил проблемот 4-5 години, но ние го завршивме и во петокот им ја издадовме градежната дозвола – додава Шилегов.

“Лимак” треба да изгради современ, атрактивен, мултифункционален деловно – резиденцијален комплекс кој ќе има за цел да го спои симболот на градот – Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје. Под комплексот ќе поминува двонасочен тунел со шест ленти со должина од 800 метри, ќе го дислоцира булеварот “Македонија” под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје.

Површината на вкупниот проект ќе биде околу 300.000 квадратни метри. Комплексот ќе вклучува околу 1.000 станови во 20-катни згради со по една, две или три спални соби, канцеларии, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности каде ќе биде сместен Музејот, ќе има места за јадење и пиење, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили.