Порака на денот: Животот е суров, а смртта никогаш не прашува кога е нејзиното време

Денеска, сите се разбудивме со ужасната вест за автобуската несреќа и згаснатите животи на нашите сограѓани.

Со болка во душата го поминавме денот обвинувајќи го животот, судбината, државата и прашувајќи се до кога вака. Но, смртта не го бира своето време, никогаш не прашува кога треба да затропа на нечија врата. Таа доаѓа и нè завива во црнина, ги срозува нашите души и уништува десетици човечки животи, на оние што си заминуваат од овој свет, но и на оние кои остануваат да тажат.

Но, таа носи силна порака: Животот е краток и никогаш не знаеме кога ќе престане да чука нашиот часовник на овој свет.

Живееме во планови, одложуваме за утре, за задутре, за  некогаш. Се лутиме на себеси и на другите, штедиме, се плашиме да живееме, се плашиме од животот, а го губиме во секунда бидејќи што и да направиме смртта секогаш ќе биде посилна од нас.

Овој свет донесе премногу човечки трагедии изминатите години, а не знаеме ни што доаѓа допрва за сите нас. Но, можеме ли нешто да промениме?

Од смртта не треба да се плашиме постојано, бидејќи таа секогаш ќе нè измами. Ќе ни ги зеде оние кои ги сакаме до болка, ќе ни донесе празнина. Но, можеме барем малку да живееме, малку поинаку, секогаш свесни за кревкоста на животот.

Да се насмееме на себеси наутро во огледало благодарни за уште еден ден на овој свет, да ги бакнеме најблиските пред одење на работа или училиште, да се јавиме онаму каде не сме се јавиле одамна, да одиме на спиење знаејќи дека сме го направиле најдоброто овој ден и утре, но и денот по него.

Денеска заедно плачеме, многу семејства ќе продолжат да тажат и денови потоа, но секој ден ни носи важна порака. За жал, денеска уште еднаш сфативме дека никогаш нема да ја надмудриме смртта, можеме само да дадеме сè од себе да сакаме од срце и да го славиме секој ден на овој свет.