Порака на денот: Во време кога сите нешто докажуваат, најхрабро е да останеме свои

Постои тивка носталгија што многумина ја чувствуваат, но ретко ја признаваат: Време кога луѓето беа искрени, автентични, свои. 

Photo by Antoine Beauvillain on Unsplash

Денес, дури и едноставниот чин на споделување момент станува товар. Се поставува стандарден код на „естетика“, како да е некаква мерна единица за човечка вредност. Така постепено го забораваме она што некогаш беше суштината на интернет просторот – невештите, природни, обични моменти што ја раскажуваа нашата реалност без филтер и без стратегија.

Едноставен појадок некогаш беше доволен да покаже како почнал денот на некого. Замаглено кафе со пријател носеше повеќе вистина за едно пријателство отколку која било совршено режирана фотографија. Првото селфи од теретана после долга пауза беше чин на нежно враќање кон себе, не амбициозна слика за лајкови. Тие секојдневни нешта никогаш не бараа оправдување. Ниту пак некој очекуваше да бидат уметнички.

А, некогаш живеевме живот и кога не моравме да го споделиме тоа на интернет, едноставно живеевме во моментот. 

Но како што ја претворивме секојдневноста во претстава, нешто се изгуби. Токму таму започна изморот и постојаната потреба да се остави впечаток создава напнатост која многумина ја носат без да сфатат колку ги крши. Парадоксално, она што најчесто нѐ смирува не се грандиозните постови на интернет, туку токму најобичните, несовршени моменти. Момент што постои затоа што се случил, не затоа што некој сметал дека вреди да биде објавен.

Она што на едни им изгледа банално може да биде неопходно потсетување на друг дека животот сѐ уште тече. Многу од човечноста што остана онлајн се крие токму во работите што луѓето се плашат да ги споделат, не затоа што се безначајни, туку затоа што светот ги научи да ги сметаат за недоволни. Но, платформите што ги користиме многу често го прикажуваат најлошото пред да го прикажат доброто. Таквиот дисбаланс истоштува, дури и кога не го признаваме тоа. 

Затоа понекогаш и најмалиот знак на живот може да биде утеха. Некој да сподели обичен ручек.

Неуреден стан.

Искрен збор.

Заморен ден.

Работи што не бараат аплауз, туку покажуваат дека сме тука – и дека тоа е доволно.

Можеби токму тоа треба да му го дозволиме повторно на интернетот: да ги држи и неисполираните делови од нас. Да остави простор за мали нешта што не се срамат од својата малост. Да престанеме да ги мериме моментите според тоа дали ќе се вклопат во некој тренд.

Да му дозволиме на нормалното повторно да биде доволно. Во време кога сите нешто докажуваат, најголемата храброст се крие во тоа да останеме свои.