Порака на денот: Тешко е да се мисли, затоа и најголем дел од луѓето осудуваат

Во последно време можеме да забележиме дека луѓето постојано се осудувани за своите постапки.

Photo by Ben White on Unsplash

Земајќи предвид дека нашата држава, а и Балканот е место каде стереотипите и предрасудите се прилично чести, веројатно осудувањето траело отсекогаш, но тоа станува загрижувачко особено сега со растот на социјалните мрежи, каде секој може да го изрази своето мислење.

Често читаме постови или коментари во кои луѓето без грам срам се осмелуваат да нападнат некого, а дополнителните коментари само долеваат масло на огнот. Иако често зборуваме за љубезноста и емпатијата, тие се навистина ретки појави. Наместо тоа, луѓето земаат за право да донесат свој сопствен суд и да го споделат со другите.

Дали е тоа желба за лајкови, или пак потреба да се изрази нешто што е дел од нашата лична фрустрација?

Психолозите велат комбинација од едното и другото. 

Што е сочувство?

Во најбуквална смисла на зборот, тоа значи да се почувствува истото со друга личност, односно да се биде во нивните чевли, да се пати со нив. Тоа е и чувство кое го имаме кога чувствуваме потреба да олесниме нечие патење. Тоа се разликува од емпатијата и алтруизмот, бидејќи не се работи само за тоа да разбереме низ што минува одредена личност, туку и да имаме потреба во себе да и помогнеме.

Голем дел од луѓето би рекле дека тоа веќе не постои во денешно време и дека се заборавени вистинските вредности и веројатно се во право, но исто така голем процент од нив не прават ништо за да го променат тоа кај себе. Тие не размислуваат што за другата личност би можел да значи нивниот суд или споделено мислење и наместо да мислат за тоа како да се подобрат, се фокусираат постојано да најдат некоја своја т.н. жртва, на која ќе и дадат дијагноза како да се експерти за животот, тие самите.

Треба да знаеме дека не можеме да очекува сочувство и емпатија од другите луѓе, ако и самите не го практикуваме тоа. Не можеме да зборуваме за добро однесување на социјалните мрежи ако и самите не се трудиме да ги користиме одговорно со почит и разбирање кон другите.

Зошто на луѓето им е полесно да осудат отколку прво да размислат за тоа?

Често кога луѓето треба да покажат сочувство, треба да бидат и ранливи. Тоа значи дека прво треба да се искрени кон себеси дека и самите тие не се светци и дека секој човек греши. Сето ова може да делува застрашувачко за една личност која не се занимава со себе.

Второ, постојано се соочуваме со општествениот притисок да бидеме најдобра верзија од себе, но на повеќето луѓе им е најлесно тоа да го очекуваат од другите, а не од себе, бидејќи тоа всушност бара и работа и посветеност на себеси и своите навики и однесување. 

Трето, кога ќе се приклучат на коментарите, луѓето се чувствуваат како дел од групата, односно имаат чувство дека припаѓаат некаде, без да размислат за негативното влијание кое нивните коментари го имаат на некоја личност. Тоа значи дека размислуваме исто како групата, нашите мислења се прифатени и почитувани, колку и да се лоши или опасни.

Особено важно е да се земе предвид дека луѓето најчесто осудуваат бидејќи научиле дека е лошо да се биде поинаков. Општеството нè учи на одредени стандарди и „вредности“ кои тешко се менуваат во нашите глави ако не погледнеме во себе и не се потрудиме да размислиме малку зошто некој се однесува на одреден начин. 

Тоа е најтешкото – кога ќе почнеме да мислиме, ќе треба прво да погледнеме на своите проблеми. Ќе треба да се запрашаме кои сме, каде сме и каде сакаме да бидеме. Но, тоа е исцрпувачки процес, па затоа луѓето ја избираат „полесната“ опција. 

Немојте да бидете таа личност, бидејќи никогаш не знаете низ што минува некој друг и што сè мора да направи за да ја пронајдете среќата.