Порака на денот: Не менувајте се за луѓе што не знаат да ве сакаат

Понекогаш забораваме дека не можеме да контролираме сè во животот.

Photo by Lukas Rychvalsky on Unsplash

Не можеме да натераме некого да нè сака, да остане или да нè разбере онака како што ние се надеваме. Колку и да се трудиме, не можеме секогаш да бидеме „доволни“ за погрешни луѓе. И мислам дека многу луѓе се изморени токму од тоа — од постојаниот обид да бидат подобри, помирни, полесни, потивки и поразбирливи само за да не изгубат некого што им значи.

Со време, човек почнува да се менува за да биде полесен за сакање. Почнува помалку да зборува за тоа што чувствува. Помалку бара внимание, јасност или сигурност. Се убедува себеси дека можеби е „премногу чувствителен“, „премногу емотивен“ или „премногу тежок“. Потоа, полека, без  да забележи, почнува да станува верзија од себе што мисли дека другите полесно ќе ја прифатат. Но, проблемот е што тоа може многу да нѐ измори. Бидејќи на крајот, најтажно е кога ќе сфатите дека сте се оддалечиле од самите себе обидувајќи се да задржите некого.

Постојат работи што не се во наши раце. Не можеме да контролираме туѓа зрелост, туѓ страв, туѓа неспособност за блискост или начинот на кој некој избира да се однесува. Не можеме да гарантираме дека секоја врска ќе успее, дека секој разговор ќе заврши добро или дека секој човек ќе остане.

Photo by Sasha Freemind on Unsplash

Но, можеме да влијаеме на тоа како ние ќе се појавиме во тие ситуации. Можеме да бидеме искрени. Можеме да зборуваме отворено и можеме да останеме верни на тоа што навистина сме, наместо постојано да се намалуваме за да им биде удобно на другите.

Мислам дека зрелоста почнува токму таму. Во моментот кога човек ќе сфати дека не мора да се претвора во некоја помирна, потивка и „полесна“ верзија од себе за да заслужи љубов. Вистинските луѓе нема да бараат од вас постојано да се намалувате за да останат. И можеби најважното нешто што човек може да го научи е ова: не можете секогаш да контролирате дали некој ќе ве сака, но можете да внимавате да не се изгубите себеси обидувајќи се да бидете доволни за сите.