Порака на денот: Еден ден ќе ни биде жал за многу работи, ама па што е еден ден

Ние луѓето сме навистина чудни. Постојано составуваме листи со желби. Сакаме ова, сакаме она, посакуваме да ни се оствари оваа или онаа желба, чекаме да ни се посреќи, чекаме... чекаме... чекаме...

И само чекаме. И поради гордост, суета, его и инает, не преземаме дејства, се откажуваме од работи и од луѓе кои ни се важни, не се јавуваме на луѓето кои ги сакаме само затоа што сме се скарале и губиме луѓе од нашиот живот. Губиме минути, денови, години, мечтаејќи за нешто апстрактно, а од друга страна ги пропуштаме сите шанси за да бидеме среќни.

И завршуваме со вреќа полна со каења. Се каеме што не сме биле поодлучни, помеки, поотворени, посамоуверени...

И жал ни е за многу работи. Сакаме да се вратиме назад. Ама нема назад. Во животот нема назад, има само напред. И животот лета со преголема брзина и не сопира за никого. Ниту за мене, ниту за тебе. За никого.

И свесни сме дека правиме грешки, ама секогаш мислиме дека има време. Еден ден... Еден убав сончев ден. А тој ден можеби нема да дојде, можеби навистина животот е сега и тука. И нема шанса за поправни испити.

И затоа да не дозволиме еден ден да се каеме за многу работи, затоа што тој еден ден е навистина блиску, дури и ако не го чувствуваме тоа во моментот.