Поради честите кражби и оштетувања решетките на сливниците и капаците на шахтите во Скопје ќе бидат со систем за заклучување

Во Скопје сѐ почести се случаите на крадење и оштетување на сливниците и капаците на шахтите. 

Ваквите појави негативно се одразуваат на финансиското работење на ЈП „Водовод и канализаија - Скопје“, но и на безбедноста на граѓаните во сообраќајот, порача денеска директорот Златко Перински. 

Тој вели дека вложуваат напори за превенирање на оваа девијантна појава и дека навремено делуваат за замена на решетките на сливниците и капаците на шахтите.

-Со цел да се спречи ваквата појава ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе започне со: поставување на решетки на сливниците и капаци на шахтите со систем за заклучување и употреба на композитен материјал за изработка на решетки за сливници и капаци за шахти, информираше Перински.