Пописот заврши, еве кога ќе бидат објавени резултатите

Вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови се евидентирани со Пописот што официјално заврши вчера, а траеше 26 дена, почнувајќи од 5 септември.

Во дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани, најмногу од западноевропските, а многу помалку од прекуокеанските земји.

Резултатите се очекува да бидат објавени до крајот на март 2022 година, за шест месеци од денот на завршувањето на Пописот.

Како што соопшти синоќа директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, занемарувачка е бројката на оние граѓани кои одбиле да се попишат, но деновиве ќе биде собрана и точно ќе се знае колку се. Против нив ќе бидат покренати соодветни постапки. Бројката е занемарувачка, рече Симовски, и може да се изрази во промили, не во проценти.

-Пописот е целосно успешно спроведен. Земјава покажа дека има капацитет да спроведе ваква тешка статистичка операција. Сите домови беа посетени, сите граѓани беа дел од пописот, а оние кои не беа опфатени, а се дел од базите на податоци, ќе бидат дел од пописот, истакна Симовски.

Тој информира дека со комбинираниот метод се овозможи ефикасно следење на попишувањето.

-Со помош на технички алатки се овозможи ефикасно следење на попишувањето и опфатот на единиците на пописот на терен. Изразено во бројки, тоа значи дека од опфатените објекти за живеење 91 процент беа предмет на попис, а девет проценти се објекти кои не се предмет на попис. Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде што по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани да се попишат во седиштата на општините. Оние кои тоа не успеаја да го направат, сепак ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите што ќе се користат при обработката на податоци, така што со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата, рече директорот на ДЗС и најави дека во наредниот период ќе продолжат следните фази од пописот.

Тој објасни дека прво, комисиите на пописните реони треба да ги финализираат завршните активности – прибирање на лап-топите, останатите пописни материјали и нивно враќање во Заводот, а потоа ќе почне процесот на обработка на податоците според утврдена програма и Акцискиот план.

И премиерот Зоран Заев синоќа, од изборниот караван во Гевгелија, соопшти дека земјава по 20 години, спроведе успешен попис.

-Попишани се преку 99 отсто од граѓаните. Покажавме кој има капацитет, а кој нема. Сега, во една рака ни е НАТО, а во другата успешниот попис. Ова се гигантски проекти, направени на дело, подвлече Заев.

Апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората беа затворени синоќа во 20 часот. Со тоа завршија пописните активности во рамки на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.

Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и да ги сумира податоците, како и техничките активности на раздолжување на попишувачите.

Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-пандемија, соглано нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.